Мрежа 23: 54% од администрацијата смета дека состојбата во правосудството е лоша

Категории

Мрежа 23: 54% од администрацијата смета дека состојбата во правосудството е лоша

Денеска Хелсиншкиот комитет за човекови права во РМ и Институтот за европска политика - Скопје на прес конференција го презентираа испитувањето на мислењето на административните службеници во Република Македонија кои работат на Поглавјето 23: правосудство, антикорупција и темелни човекови права, во поглед на состојбата во Поглавјето 23.

Дополнително видете ја анкетата на граѓани за Поглавјето 23.

Правосудство

Резултатите покажуваат дека 54% од испитаниците во државната администрација сметаат дека состојбата во правосудството во Македонија е лоша, додека само 11% ја оценуваат како добра. Само 7% од административните службеници сметаат дека граѓаните имаат доверба во правосудниот систем на државата, додека 62% сметаат дека граѓаните немаат доверба во правосудниот систем.

За зголемување на довербата во правосудниот систем, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека е потребно намалување на влијанието на извршната врз судската власт (55%), како и зголемување на независноста и непристрасноста на судовите (53%). 

Испитаниците со работен стаж од 7-10 години значајно подобро ја оценуваат состојбата од оние кои имаат работен стаж 1-2 години. Дополнително вработените во државната администрација од албанската етничка заедница, значајно повисоко ја оценуваат состојбата од вработените во државната администрација од македонската етничка заедница.

Антикорупција

46% од испитаниците ја оценуваат генералната состојба во поглед на борбата против корупцијата како лоша, додека околу 15% ја оценуваат како добра. Повеќе од две третини (69%) од вработените во државната администрација се согласуваат дека предложените препораки од ЕУ за спроведување реформи во областите на борбата против корупцијата се соодветни и применливи. Со овој став значајно повеќе се согласуваат вработените во државната администрација од албанската етничка заедница во однос на вработените во државната администрација од македонската етничка заедница. 

Темелни човекови права

Генералната состојба со човековите права е оценета како добра или многу добра од 29% од страна на вработените во државната администрација, додека како лоша ја оценуваат проближно 30%. 

Поделено е мислењето во однос на подготвеноста на Република Македонија за пристапување кон ЕУ од аспект на човековите права. Имено нешто повеќе од една третина (35%) од вработените во државната администрација сметаат дека Република Македонија е подготвена за пристапување кон ЕУ од аспект на човековите права, додека приближно 30% сметаат дека не е подготвена. Вработените со работен стаж над 15 години во поголема мера се согласуваат дека Република Македонија е подготвена за пристап во ЕУ од аспект на човековите права, во споредба со оние административните работници со работен стаж 2-5 години.

Реформски чекори
Најголемиот дел од испитаниците 89%, сметаат дека реформите во правосудниот систем се важни за пристапување на Република Македонија во ЕУ.

Околу 80% од вработените во државната администрација сметаат дека улогата на граѓанскиот сектор во реформите е важна. Приближно половина од испитаниците т.е. 47% сметаат дека институциите имаат капацитет да ги спроведат реформите во областа на правосудството, борбата против корупцијата и основните човекови права. Дополнително само 4% од вработените во државната администрација сметаат дека институциите се целосно независни од политичките партии при спроведувањето на реформите.

Документи за преземање

 Анкета на државната администрација за Поглавје 23

Галерија