Како што е наведено и во претходниот извештај, посебните услови (законски) за избор на судија и претседател се наведени во член 46 и 47 од измените на Законот за судовите беа позитивно оценети од Венецијанската комисија. Во сите случаи на унапредување на судиите потребно е кандидатот да биде оценет со позитивна оцена, согласно Законот за Судскиот совет, со што му се остава право на избор на Судскиот совет. Согласно новиот Закон за Судскиот совет, судиите и претседателите на судовите можат да бидат редовно и вонредно оценувани.
Иако новиот Закон за Судскиот совет, уште во нацрт-верзија, доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, сепак во мислењето е наведено дека „тежина на различните параметри земени предвид при процената на перформансите треба да се одржува под постојана ревизија. Во оваа насока, Судскиот совет почна со подготовка на методологија со индикатори на сложеноста на предмети и посебен правилник за евалуација, односно оценување на судиите, кои сè уште не се донесени од Советот. Оценувањето на судиите е еден од клучните параметри за унапредување. Иако критериумите за оценување и постапката доби позитивно мислење од Венецијанската комисија и при подготовка на новиот Закон за Судскиот совет беа консултирани релевантните чинители, од последната спроведена анкета постојат различни ставови во однос на критериумите и постапката за оценување. Имено, критериумите и постапката за оценување на судиите е оценета како непроменета, и тоа од страна на 50% од судиите, 41,2% од адвокатите и 42,4% од јавните обвинители. 8,3% од судиите сметаат дека многу се влошени критериумите.
Клучно во однос на враќањето на довербата на граѓаните во делот на избор и унапредување на судиите е и образложувањето на одлуките на Судскиот совет за (не)изборот на судиите. Институтот за европска политика испрати барање за слободен пристап до Врховниот суд, со цел да се утврди колку се користи механизмот за жалби до Советот за жалби при Врховниот суд од кандидатите кои не се избрани за судии, односно претседатели на судови
согласно член 49 и член 51 од Законот за Судскиот совет. Имено, во 2020 година39 по првпат избрани или унапредени во друг суд се вкупно десет судии, додека избрани се осум претседатели на судови, не земајќи ги предвид определените в.д. претседатели во 2020 година. Од добиените податоци по барањето за слободен пристап од Врховниот суд во 2020 година, поднесени се три жалби до Советот за жалби при Врховниот суд согласно член 49 од Законот за Судскиот совет од кандидати кои не се избрани за судии. Советот за жалби во сите жалби донел одлуки со кои жалбите се одбиени, а решението на Судскиот совет потврдено. Согласно овој член, во 2019 година е поднесена само една жалба и по оваа жалба Советот за жалби донел одлука со која ја одбива жалбата и го потврдува решението на Судскиот совет. Ниту во 2019 година, ниту во 2020 година не се поднесени жалби до Советот за жалби при Врховниот суд од судии кои не се избрани за претседатели на судови согласно член 51 од Законот за Судскиот совет.